Мојот хроно дневник/ Сé за Хроно

Не беше лесно, но вредеше!се чита за 16 минути

Мојот-хроно-дневник-Марија-Петровска-Ѓеоргиевска

Хроно дневник

на хронерот: Марија Петровска Ѓорѓиевска (личен facebook профил)
изгубени килограми: -40 кг
во период: 10 месеци, од кои 3 месеци во рестрикција, 3.5 во пости,  1 месец вон рестрикција а останатите 2.5 месеци придржувајќи се на вегетеријанското мени

Секој ја живее својата приказна!

А мојата, за храната како порок, за вишокот килограми и за сите, помалку или повеќе, успешни битки, како и за добиената „војна“, оди вака…

Отсекогаш, откако паметам за себе, сум имала некое килце плус. Гурман сум цел живот! Блиските често знаеја да кажат : „Со која сласт јадеш, човек и да не е гладен, да му се пријаде“ или „Мртов да стане, ќе пројаде“. Ете толку ја сакав храната… A кога денес, на свои 38 години, ќе направам една ретроспектива на најголемиот дел од животот, единствено што гледам е среќно, весело и елегантно пополнето човече.

Всушност, младоста и енергијата што таа ја носи со себе, си го правеа своето. Секојдневните обврски без каков било проблем ги совладував. Здравствено се чувствував прекрасно, а физичкиот изглед, според моите критериуми, беше на високо ниво. Ниту еден килограм плус не ми сметаше, напротив, гордо си ги носев сите на себе. Си се сакав таква! А чувството на сигурност и удобност во сопственото тело беше над сѐ

И ни оддалеку не можев да претпоставам дека еден ден ќе треба да се плати данокот за сето тоа. Што е за право, најблиските често ме предупредуваа. Но тогаш, во тоа време, сите нивни зборови ми изгледаа бесмислено. Од оваа дистанца, сѐ е поинаку. Но…

Сѐ беше така „розово“ до 2007 година. По еден спонтан абортус, примав хормонска терапија и од истата почнав да се дујам како балон. Како резултат на терапијата, но и како последица на мојата љубов кон храната, па една, втора и трета бременост, килограмите почнаа енормно да се зголемуваат, а физичкиот изглед драстично да се менува. И не беше толку страшно, сѐ додека…

Бумеранг

Ден за ден, година за година, почнаа да се трупаат и здравствени проблеми. Хаос од хормони. По третата бременост, намалено железо. Покачена гликоза и маснотии во крв. Кршливост на ноктите и опаѓање на косата. Киселини и мачнина во желудникот. Болки во половината и колената. Чести главоболки, малаксаност, чувство на хроничен замор. Енергија за да се издржи денот: нула! Како бумеранг ми се врати секој залак храна од младоста. Во поинаква форма…

Не, не е ова најстрашно! Во еден момент, животот ми ги покажа забите и реши да не ме гали со пердувче. Па, покрај сѐ она што презедов за да ги совладам препреките, да си ги решам проблемите, незабележливо се поделив на две. Преку ден, силната јас, храбро соочена со дневните семејни и работни обврски. А ноќе? Е, ноќе… онаа другата јас, што утехата си ја бараше и наоѓаше во храната. Јас и преполната порција бевме први другари сред ноќ. Несвесно се доведов до оваа ситуација во која токму таа, храната, беше мој најголем сојузник во борбата против стресот. И се изгледаше полесно. Барем така си мислев. Но до кога? До утрото, кога се будиш со грижа на совест и болка во желудник од полноќната дружба. И си викаш: „Нема повеќе! Ова мора да престане!“ А не си ни свесен дека сам себе си се лажеш… И додека сум се освестила, сум влегла во магичниот круг од кој излез немаше. Храната ми стана порок, а јас нејзин зависник! Ужас!

И покрај сѐ, имав желба нешто да сменам. Огромна желба. А и реална потреба. Така дојдов до заклучок дека решение има! Среќа моја. Диета! ДА! Тоа е решението! И почнувам… Денес јајце, утре јаболко, задутре… Оох, каде е ова за мене? За некој кој ужива во храна, осуда е диета. Осуда! Па се вадам на диетата, дека таа не чинела – не е до мене! Па барам нова, па нова и така до бескрај. Па се решавам да посетам нутриционист. Па еден, па друг… Па ваков режим, таков или онаков, веќе не знам каков. Единствено што немав пробано е некоја хемија… И потоа, максимум 3-4 недели на која и да е исхрана, диета или како уште веќе не наречена, освен добро познатите јо-јо ефекти од минус 10 / плус 15 кг,  по враќањето на „нормалниот“ начин на исхрана, друга добрина и не видов од сета таа моја долгогодишна Голгота.

Мојата новогодишна резолуција се исполни

Јануари 2017 г.: Нова година, нов месец. Идеално време да се најде нешто ново, некоја нова можност за поздрав и поудобен живот…

Февруари 2017 г.: Од некаде на ФБ ми излезе пред очи објава од групата за Хроно исхрана – поим немам од каде. Знам само дека љубопитноста си го направи своето. На брзина пролистав по нет да видам што е тоа хроно исхрана. Ми се виде како нешто доста примамливо. За кусо време побарав прием во групата и за уште покусо веќе бев член на истата. Седнувам да видам за што подетално се работи, а таму – рај на Земјата: полни порции храна на сите страни. Мераци! Туку, чекај! „Од каде сега ова здраво, па уште и да се слабее?!“, „Како па да не!“, „Нема шанси!“ и слично ми беа првите коментари, додека со неверување ги пролистував објавите од групата. „Па сево ова јас и до сега си го јадев, а не сум слаба. Уште помалку здрава“…

Но, тој 20.02.2017 г. нема никогаш да го заборавам! Ми излегува пред очи ’пред и потоа‘ на Фани Коровешовска, која дента прави 4 месеци на ХИ, и ме остава со подзината уста. „Па зарем е можно?!?!“, си реков. Е, токму таа објава на Фани беше мотивацијата што ми требаше за да започнам со хроно исхраната, а таа, беше и е мојата инспирација за сиот овој период. А не ја ни познавав…

Седнав малку посериозно, постудиозно да разгледам за што се работи. Да се вооружам макар со некое основно познавање пред да стартувам. И почнувам! Со почетокот на Велигденскиот пост на 27.02.2017 г. започнува и моето ново поглавје од животот, наречено ХРОНО ИСХРАНА.

Поддршката од најблиските одигра голема улога. Но некој да ми кажуваше дека едно БРАВО од луѓе кои воопшто не ги познавам толку многу ќе ми значи, немаше да му верувам.

Како и за сѐ во животот, така и за ова, првата и најголема поддршка ја добив токму од најблиските: сопругот, родителите, сестра ми и уште неколкумина блиски. Секогаш и за сѐ биле покрај мене и максимално ми ја пружале својата поддршка. Па така и овој пат. А и покрај тоа што многу добро ме познаваат и знаат дека кога нешто ќе наумам – наумено е, во ниту еден момент не ме оставија сама и беа тука за сѐ. Кога само ќе ми текне колку многу ги „малтретирав“ со секој симнат килограм, со секој намален сантиметар, со секој конфекциски број помалку, со секоја подобрена здравствена состојба… А тие, тие се радуваа заедно со мене, и секој момент на среќа го доживуваа како свој. А и во оние кризните, тешките, мачните мигови, исто така беа крај мене… бодрејќи ме да издржам и да успеам. Беа сигурни дека можам. И многу ми е мило што овој пат не ги разочарав. Напротив, истите тие, благодарение на мене, подоцна станаа „следбеници“ на хроно исхраната, на што сум посебно горда… Фала ви, луѓе, што верувавте во мене и овој пат!

Втората, но не помалку важна, поддршка ја добив од членовите на групата за хроно исхрана. Толку позитивна енергија, толку љубов на сите страни, максимална посветеност, а без притоа да се бара нешто за возврат. Дотогаш немав сретнато нешто такво на едно место, а уште помалку во група на Фејсбук. Администраторката Виолета Златкова е една во милион! Таа има наметнато една преубава, топла, домашна атмосфера, а најголемиот дел од членовите ја следат и покрај неа и тие шират позитивна енергија на сите страни.

Поддршка, мотивација, инспирација, совети, идеи… Сѐ што на моменти ми фалело, наоѓав и наоѓам во групата… И да, она на што ни самата не можев да поверувам е како едно БРАВО, едно навидум обично „браво“ од луѓе кои не ги познавам, но луѓе кои ја водат истата битка како мене, битка со нарушеното здравје, вишокот килограми, луѓе кои ја живеат истата судбина, може премногу да значи, и да дава сила да се издржи, продолжи и задржи загарантираниот пат до успехот. Чест и задоволство ми е што дел од членовите ги запознав и лично… Луѓе, прекрасни сте!

Морам да споменам дека имаше и негативци на ова мое хроно патешествие. И ако нешто ми создава чувство на задоволство, тоа е фактот дека по само неколку месеци, аргументирано докажав дека не биле во право. И покрај тоа што тие сѐ уште сметаат дека тие биле во право… Но не е важно, секој со својата приказна.

Мојот хроно дневник - Трансформации

Мојот хроно дневник – Трансформации

Сакав да направам промена во исхраната а со самото тоа и на квалитетот на животот

Да се биде на хроно исхрана, во почетокот, посебно првите месец дена, за мене беше многу тешко. Многу! Еден цел живот од навики требаше да се смени. Но решена бев да успеам. Сакав да си го променам начинот на исхрана, начинот и квалитетот на кој го живеев животот. Знаев дека можам да успеам во тоа. Еден од најголемите проблеми за мене беше да се одолее на ритуалот со утринското кафе на гладно. Сѐ некако си мислев дека без него, а и без моите десетина кафиња на ден, јас нема да можам да функционирам, да го издржам денот.

Појадокот требаше да биде рано наутро, а јас речиси и да го немав претходно во животот. Вечерата исто беше проблем. Литражата на течности на ден: проблем. Ете, една олеснителна околност беше тоа што не сум по благото, па барем тоа немаше да ми создава дополнителен притисок… Но, желбата и решителноста да направам нешто добро за себе и за најблиските, беа силата која ме туркаше напред кон успехот…

Исхраната ја прилагодив на домашните, на нашите потреби и животни навики, притоа следејќи ги основните принципи и правила на исхраната. По правилата на хроно готвам за сите во семејството, од најмало до најголемо. Освен кога сум на пост, па за домашните готвам посебно – но и тогаш во 90-95 % од случаите е според правилата и принципите на хроно исхраната во траен режим. На почетокот, посебно на децата, им беше многу тешко да се навикнат на комбинациите на храна. Но, како мајка отсекогаш сум се трудела да се хранат здраво, па така и овој пат. Доколку одредена комбинација на намирници или самите намирници се штетни за мене и моето здравје, многу поштетни се за моите деца. Факт! Здравите навики во исхраната се стекнуваат уште од мали нозе. И тоа е факт! Не дека во секоја ситуација ми успеваат „предавањата“ за здрава храна, но во најголем број од случаите: да. За останатото велам: „Деца се!“ И со сигурност тврдам дека ќе бидат идна генерација хронери…

А јас, лично, многу по месото не сум, па себеси се пронајдов во вегетаријанската ХИ и во постите. И убаво ми е, тука и ќе останам. Сигурно ќе „шарам“ од режим на режим, како и досега, да се размрда монотонијата, но хроното за мене сега е константа во животот!

После целиот овој период од 10 месеци, со овој начин на исхрана, придобивки имам многу!

Она, примарното, за кое започнав со хроно исхраната беше желбата да го средам нарушеното здравје. А првите резултати се појавија уште во текот на првиот месец. За неверување, но по две недели од започнувањето, подуеноста во стомакот исчезна, мачнините и киселините во желудникот ги снема. Главоболките исчезнаа.

Веќе во текот на вториот месец нивоата на гликозата и триглицеридите влегоа во рамките на нормалата. Малку повеќе време му требаше на холестеролот, но благодарение на хроно исхраната, и тој се среди. Од најниско железо по третата бременост во 2012-2013 г., околу 5-  денес е 19. Енергијата почна да ми се враќа на голема врата. Како одминуваа месеците, а килограмите се намалуваа, така болките во колената и половината исчезнаа. Ноктите и косата повторно го добија својот сјај. Хормоните се средија… Можноста да се направи нешто добро за себе и сопственото здравје ја искористив најдобро што можев. Не дозволив овој пат да ја пропуштам. И сето тоа без медикаментозна терапија. Само со сменет начин на исхрана.

Следна придобивка од хроно исхраната беше подобрувањето на мојот физички изглед. Со почетна килажа од 112,4 кг, а сегашна, по 10 месеци од 72 кг. Изгубив 40 килограми! Во обем намалив многу и од конфекциски број 50, сега носам 40. А кога почнував желба ми беше да стигнам до 46. За можноста да си купиш ново парче облека, без притоа да те осудуваат погледите на продавачките, а нели притоа без да ги интересира причината за твојот изглед, што да кажам? Среќа невидена е! Голема!

Зависноста од храната повеќе ја нема!

Но, она што посебно ме радува и прави горда на самата себе, е што за само неколку месеци ѝ покажав на храната каде ѝ е местото. Нешто пред што, за сиот овој период, во ниту еден момент на криза или стресна ситуација, не попуштив и не дозволив да завладее со мојот здрав разум. А имаше, имаше ситуации, во кои во претходниот живот сигурно ќе посегнев по „тон“ храна. А сега? Не ни помислувам на неа, не ја ни погледнувам, т.е. ја гледам, ама со поинакви очи…  Целосно ми е променет начинот на размислување кон храната. Имам максимална самоконтрола! 

Чувството на леснотија, чувството на неизмерна среќа, радост, полет, чувството на здрава јас, најзгодна јас (во последниве 20 години), чувството на зголемена самодоверба, на зголемена самоконтрола… Сето ова е бесценето! А добиено е како резултат на примена на хроно исхраната.

А до овде, до крајот (ако воопшто има крај) на мојата хроно приказна, немаше да стигнам без својата силна желба, цврстата волја и решеноста да си го подобрам квалитетот на животот, без максималната посветеност, без војничката дисциплина (посебно во првите 5 месеци), без перфектната организација во кујната, без поддршката од најблиските, без поддршката на членовите од групата за хроно исхрана… Не беше лесно, но и тоа како вредеше!

Други корисни линкови:

Сподели

Слични содржини

1 Коментар

  • Реплицирај
    Анонимен
    2 декември , 2017 at 15:01

    Sekoja ches vi simnovam kapa edno golemo bravo mislam deka e malce za ovaj poteg 10 meseci vav

  • Оставете коментар