Хроно дневник
на хронерот: Фани Коровешовска (личен facebook профил)
изгубени килограми: –43 кг.
во период: 11 месеци, сите во рестрикција
Мојата животна приказна започна едно саботно утро на 9 октомври далечната 1982 година. Сум била големо бебе и наместо надолу, сум притискала нагоре и постоело опасност од гушење и ме породиле со царски рез и така започнува мојата приказна на мало, слатко дебело дете кое растеше во слатко дебело и здраво девојче, па во дебела девојка и дебела жена.
За оние што ме познаваат од рано детство и за време на средношколските денови и студиите знаат дека дебелината си ја носев гордо, никогаш не патев од комплекси и бев секогаш ведра и насмеана девојка како што кажува и моето име Фани (funnny – што на англиски значи смешно). Дури и внука ми кога почна да учи англиски како мала на сите им кажуваше дека тетка и се вика Смешка.
Од мали нозе бев љубител на храна и се уште сум и засекогаш ќе бидам. Јас живеам за да јадам, а не јадам за да преживеам. Тој хедонизам, таа љубов и уживање во храната се вонвременски. И сето тоа заедно со некои хормонални пореметувања ме доведе до прекумерна тежина.
Oд утре почнуваш!
За хроно исхраната прв пат дознав во 2014 година кога беше актуелна во Србија, но кога видов толку храна си реков дека тоа не е за мене и дека ќе се здебелам уште толку и воопшто не продолжив да се информирам. Се до пролетта лани кога случајно на ФБ ми излезе сликата пред и потоа (онаа со терасата) на Виолета Златкова – мајката на групата, матицата на нашата хроно виртуелна фамилија.
И така јас се најдов во групата во која тогаш имаше стотина до двеста членови. И почна мојот студиозен пристап кон ХИ. Читав многу, разгледував, ме воодушевуваше позитивност на Вики и начинот на кој функционираше тоа тогаш мало катче. И така јас набавував книги и материјали и читав и читав и само си го одложував почетокот.
Паметам лани во септември беше и првата хроно средба што се организираше и тогаш ги прашав дали примаат и некој што не е на хроно, а сака да се дружи. И се разбира добив позитивен одговор и топло добредојде. Тогаш ги запознав и во живо прекрасните луѓе од групата чиј број од ден на ден расте. И така јас си читав и читав за хроното се додека еден сончев есенски ден мојата драга и сакана другарка и колешка Ивана не ми рече дека е време да почнам да го применувам во пракса она што долго време го читам. Нејзините зборови беа: “од утре почнуваш”, а јас одговорив дека не сум спремна и немам купено ништо, а таа беше решена да ме убеди да почнам, ми донесе тонус следното утро на работа, ми нарача јајца на око и пршута во ресторанот на работа и така мојата хроно приказна започна лани на 20 октомври. На Ивана ќе и благодарам додека сум жива.
Започнав и да ги споделувам информациите до кои доаѓав секојдневно со се поголемиот број на членови во групата кој од ден на ден растеше, едноставно имав желба да и помогнам на Вики и барем некако да и се оддолжам за тоа што постојано беше тука за мене и за сите нас. И така времето минуваше, и после неколку месеци Вики реши на интересен и впечатлив начин да ми се заблагодари за вложувањето во групата иако тоа го правев и се уште го правам со големо задоволство. Во февруари годинава со многу убав текст ме назначи за администратор на нејзиното чедо. Која чест и задоволство е кога некој ќе осети со колку голема љубов се грижиш за неговото чедо исто како да е твое и ќе ти овозможи заеднички да се грижите. Еве и тука и се заблагодарувам за довербата и за сета поддршка која несебично ни ја дава и мене и на сите во групата.
Ги решив замастениот црн дроб, високиот инсулин и ниското железо
За 11 месеци намалив 43 кг.
Долго време ги игнорирав советите на мајка ми која беше најзагрижена за мојата дебелина и постојано бараше начин да изгубам килограми, од посета на нутриционисти, до фитнес клубови, до апчиња и прашаци. Се тоа имаше краткотрајни резултати и набрзо потоа се враќав на стариот начин на исхрана и враќав и повеќе килограми од што намалував.
Никогаш нема да ги заборавам тие нејзини зборови и солзи во очите кога милно ме молеше да преземам нешто во врска со дебелината, таа беше загрижена за моето здравје. Секогаш ми велеше „Фани моја упорна си за се, што наумиш остваруваш, те молам направи го тоа и со дебелината, те молам води ја и оваа битка таа е најважна за тебе и твоето здравје“, но јас постојано велев добро мамо ќе почнам од утре и се така годините поминуваа, килограмите растеа, а јас верував и си наоѓав изговор во добро познатата „тие што те сакаат ќе те сакаат заради душата, а не заради изгледот“.
Во 2014 година ми се искомплицира здравствената состојба и лежев во болница, ја испуштив и свадбата на мојата најдобра другарка од детството за што се уште жалам, заедно со сестрите на клиника си плачев вечерта кога беше свадбата, тогаш некако најмногу се исплашив за сопственото здравје бидејќи тоа беше прв пат во мојот живот јас да завршам во болница (како мала само од трет крајник сум оперирана), кога поради тежината и салото околу стомакот докторите предвидоа дека операцијата може да биде ризична. И тогаш ми беше дадена втора шанса, операцијата не се случи, компликациите се повлекоа благодарение на терапијата и тогаш ми светна онаа сијаличката дека е време да направам нешто за себе, почнав диета и ослабнав 40 кг за неполни 6 месеци. И потоа следеше повторно враќање на стариот начин на исхрана и за година и пол повторно си ги вратив тие 40 кг и плус уште некое кило.
Со ХИ не само што успеав да намалам 43 кг за 11 месеци туку мојата здравствена состојба е фантастична. Немам повеќе замастен црн дроб, инсулинот ми е доведен во нормални граници, железото е конечно над долната граница, подобрен е и квалитетот на крвта, имам многу енергија и со еден збор уживам во хроно секојдневијата.
Групата и луѓето во неа се најголем мотив и поддршка
Без нив не минува ни ден, ни час, ни минути. Толку ми навлезе во секојдневниот живот што просто станав зависна од неа. ХИ исто така спојува и луѓе и се родија и многу нови пријателства и познанства кои се зајакнуваат од ден на ден како што се со мојата убава Доце, со моето бомбонче Талија, со моето љубовче Даци, со моето чупе Соња.
Мене хроното ми го смени животот за 360 степени, групата ми е неисцрпен извор на енергија, среќата и здравјето на луѓето од групата ми се среќа и мотив.
Од хроно научив и знам дека успеваат оние што се храбри и истрајни, бидете и вие меѓу нив и направете нешто убаво за себе. ЗАЕДНО СМЕ НАЈСИЛНИ, ЗАЕДНО МОЖЕМЕ!
Други корисни линкови: