изгубени килограми: Љубица -21 кг, Дејан -21 кг
во период од: вкупно 9 месеци од кои Љубица сите во рестрикција, Дејан 2 во рестрикција и 7 месеци во траен режим
Љубица : Секогаш бев крупно дете, поголемо од просекот. Како помала имав мака од тоа, потоа 10 килограми вишок ми сметаа како да се еден, воопшто.
Имав половина, немав гуша, не ми тежеа. Дури и кога достигнував критични килажи некако успешно се враќав во некаква нормала, помалку или повеќе.
Зборот диета не постоеше во мојот речник. Да, јас бев девојка која не држеше диети, превртував со очите кога некоја пријателка гордо ќе изјавеше дека е на диета. Гладот не ми беше на мени, ниту два килограми овошје до пладне, ниту кубети со јогурт, ниту таблети….
Единствено пред свадбата решив дека нема да бидам дебела невеста, па пиев Херба Лајф и трчав на елиптекот по 25 км на ден. Стасав до 67 килограми и од тогаш немам видено шестка еве скоро 7 години.
Дејан: Мајка ми до 10 годишна возраст ме нарекуваше Тарзан трска од што бев слаб. Потоа работите се сменија во нагорна линија па си добив и ново име Гргуле. Така и си останав, постојано во плус, постојано гравитирајќи околу стотката.
Маж ли е тоа испод 100 кила?!
Зборот диета исто така не беше присутен во мојот речник. Не беше тоа за мене. Среќа кога одевме во плус со жена ми не морав да објаснувам дека сум труден. Јас си имав пивски стомак, а таа труднички.
Благовестението за Хроно
15.05.2014 година 21:13 часот
После не знам колку одговорени прашања дека не сум бремена туку само имам вишок, една моја братучетка ми спомна за Хроно…јадеш од 8 до 8, месиш дома леб, житарици….и слабееш магично за 2 недели.
Кој виц!
Сепак кога ќе ветам гледам барем да достојам на зборот. Реков во ред ќе се зачленам во групата и ќе прочитам со цел да најдам нешто за да можам полесно да ја отфрлам.
Лично мене како биолог што имам поопширно знаење од физиологија, најпрво ме привлече да прочитам Физиологија и Хроно исхрана. Читам, читам и не ми се верува, толку издржано ми звучеше сето тоа. Потоа преминав и на другите објави, мени, комбинации, временска рамка….
Сфатив дека многу работи во Хроно исхраната се исти како и нашите навики, задолжителен доручек (само кран и Трета Светска војна не вади од дома непојадувани), кафе после јадење, со ретко преминување на двете дози, не сме пушачи да кризираме за цигара и кафе пред оброк (дури и како пушач ја немав оваа навика).
И решив, ние ќе пробаме со Хроно, а ако успее на братучетка ми ќе и купиме чевли. (Уште и ги должиме).
Следеа долги подготовки, проучував константно во тек на 4 месеци и на 16.09.2014 година беше нашиот прв почеток.
Дејан се согласи без проблем, имаше 100 килограми, а јас 89 килограми.
За 3.5 месеци колку што траеше нашиот прв обид ние изгубивме вкупно 30 килограми и најважниот дел е што јас останав бремена. Ние имаме Хроно бебе иако веќе престанавме со овој начин на исхрана поради работни обврски, а и мене постојано ми се спиеше и организацијата ми паѓаше тешко.
Другото е историја. Плус, плус, плус….не беше премногу и знаев ќе ги симнам со доење. Како да не! Дома постојано имаше чоколадо, вакво благо, такво благо, секој рецепт беше испробан. Ние двајцата, Сенде и Бенде, како ослабевме, така и си се здебеливме.
Back to basics.
Ние знаевме што е јадење, јадевме се.
Хроно исхрана на фејсбук
Се зачленив без двоумење и не можев а да не забележам дека има некоја прекрасна позитивна енергија. На секое поставено прашање во кое беше лесно да се увиде дека оној што го поставува не баш читнал од правилата, немаше напаѓања, колење, бесење….се функционираше беспрекорно.
Повремено следев, коментирав, но никако не се осудував повторно да започнеме.
При една настика и температура испитував крвна слика која покажа високи вредности на ензимите на црниот дроб, а по деталните испитувања се укажуваше на проблем со жолчката. Тогаш се извадив од памет и мислев дека се работи за замастување на црниот дроб. Имав 92 килограми и му соопштив на Дејан дека ако резултатите се позитивни ние почнуваме со Хроно. Како и првиот пат така и сега следеше едно „Нема проблем„ од негова страна.
За среќа резултатите покажаа дека се се искомплицирало од вирусот и дека немам замастување. Тогаш започна одложувањето, ајде сега, ајде после и поминаа уште 8 месеци и 7 килограми плус.
Резултатите на Дејан еден месец пред Хроно стартот покажаа зголемени вредности на ензимите на црниот дроб и триглицериди. Повторно ме обзема истиот страв. Што ако се разболеме и си го нарушиме здравјето трајно. Јас веќе не можев да дишам кога ќе си легнев, нешто ме гушеше, ми тежеше на желудникот, се чувствував хронично уморна и постојано се жалев.
Дејан почна скоро секој ден да прашува кога ќе почнеме, а јас не можев да се решам.
Хроно тандем
Еден ден рече “Готово, нема веќе одложување, почнуваме од утре. Ги знаеш сите правила и не ни е прв пат. Одиме да набавиме се што ни треба или направи список ќе одам да купувам јас.”
Се согласивме да набавиме се и да почнеме, но не веднаш дека имавме една претстојна матурска во недела, понеденик е премногу клише за почетоци и во спомен на првиот хроно почеток и овој да биде вторник.
Утрото на 23.05 ги измеривме нашите рекордни килограми, јас 99,1 кг., а Дејан 105,1 кг.
Подебели не сме биле никогаш порано и беше доста!

Мојот хроно дневник со Дејан – Трансформации
Почетокот беше фрустрирачки бидејќи и покрај сите почитувања на правилата кај мене одеше тешко. Тоа не ми беше демотивација, напротив, решив да бидам уште поупорна.
Посебно ме погодуваше моментот кога ме прашуваа зошто не ја држам истата диета како Дејан. Не можев да се објаснам како тој може да загуби 21 кило, а јас само 7 килца.
На површина излегоа проблеми како кандида на дигестивниот систем, скриен шеќер и Хеликобактер. Ми беше јасно зошто цело време ми беше лошо. Хроно успеа во огромна мера да ги анулира сите овие симптоми, но и препишаните терапии се пијат редовно. Знаев дека сум на правиот пат. Исто имав и слабо серумско железо кое за два месеци се среди.
Веќе поминаа скоро 9 месеци во кои јас цело време сум во рестрикција и загубив 21 килограми.

Мојот хроно дневник со Љубица – Трансформации
Дејан помина 2 рестрикции и веќе 7 месеци е во траен режим со загубени 21 килограми. Килограмите толку брзо летаа што мораше да јаде по седум ужини неделно за пак да достигне 5 килограми изгубени во траен режим. Достигна до идеална тежина за 12 недели, со поминати две рестрикции и еден траен режим и оттогаш ужива.
Му велат дека се направил дечко. Нема повеќе покачени триглицериди и ензими на црниот дроб.
Живот на Хроно
Редовно постиме и можеме да кажеме дека уживаме во секоја верзија на Хроно исхраната. Нема веќе “уште само 3 килограми“ и завршуваме, бидејќи уживаме и сме на чисто што можеме да очекуваме. Се смешкаме кога ќе не прашаат до кога ќе ја држиме диетата. Обично велиме доживотно.
Се е полесно во пар, јас готвам, тој купува, се договараме за менито ден-два однапред, но и имаме по некој замрзнат леб и ќесичка бадеми по ташните. Со кризи не сме се соочиле за да мора и во тоа да се тешиме, но и не сме безгрешни. Дури и кај нас има подвалувања, пропусти, ненамерни и свесни грешки.
Се е до умот бидејќи тој царува.
Пуштете му да одлучи да бидете здрави, а не болни пред своето време. Млади и витални, а не предвремено остарени.
Други корисни линкови: