Хроно дневник
на хронерот: Јане Дамјански (личен facebook профил)
изгубени килограми: -45 килограми
намален обем на струк: -33 сантиметри
во период: 13 месеци од кои 8 во рестрикција и 5 месеци вонрестрикција (последни 4 месеци во не многу успешен обид да се остане вонрестрикција)
Веројатно како и повеќето што започнале со ХИ и јас од секогаш сум имал проблем со прекумерната тежина и сум се обидувал да ја намалам преку различни видови и типови на диети, но на долг рок – неуспешно.
Секојдневните активности започнаа да ми изгледа како невозможна мисија
Како поминуваа годините, така прогресираше и мојата тежина, која што минатата година достигна неверојатни 147 килограми, иако надворешно можеби не се забележуваше таква бројка и никој од блиските не веруваше во истото.
Тоа што претходно не ми претставуваше голем проблем – започна да ми изгледа како невозможна мисија, а стануваше збор за наједноставни работи: врзување на врвки, искачување на неколку спратови, станување од кревет, излегување од кола и слично.
Во целиот мој нездрав начин на живот (покрај неконтролираната исхрана) главен проблем беше и тоа што физичката активност ја сведов на нула, иако од кога знам за себе бев спортски настроен и се занимавав со некаков вид на спорт (активно или помалку активно – професионално или аматерски).
Од здравствена гледна точка можам да се пофалам дека немав посериозни проблеми, освен болки во грбот и половината (дискус хернија) и проблем со враќање на храната и нејзино повторно пречвакување после неколку часа од оброкот (во кој период нормално внесував и друго нешто и во хранопроводникот ми настануваше хаос).
Дебелината не ми претставуваше проблем во социјалниот и професионален живот, иако јас бев тој што не се чувствуваше најпријатно во опкружување на други луѓе и почнав малку да се повлекувам од секојдневието.
Можеби најголем проблем кој што го имав (од денешна гледна точка) е тоа што не можев целосно да се препуштам во играта на мојот син и да му парирам во исполнувањата на неговите барања и потреби, па не можев целосно да го добијам неговото внимание и блискоста која што очекував да ја имаме.
Потребно е да се сменат лошите навики во исхраната, диетите не се решение
Во изминатите 20-тина години имав пробано со неколку различни видови на диети и како што тоа најчесто се случува кај сите – резулатати имаше, но јо-јо ефектот беше поголем од истите.
Па така, ми се случуваше да намалам 20-тина килограми со UN диетата или пак со придржување кон некои пишани и непишани правила на исхрана, но после неколку месеци се враќав на почетното ниво и нормално додавав уште нешто плус, што го зголемуваше бесот и нервозата кај мене.
За ХИ дознав од моја пријателка и соработничка и тоа што го видов како нејзин резултат после само 2 месеци ме остави во шок (позитивен нормално) и веќе немав недоумица што треба да превземам. Ме зачлени во хроно групата на ФБ, неколку дена разгледував и проучував, па започнав со не многу големи очекувања (ти благодарам Дубравка) и желба да не им дозволам на здравстените проблеми да ми тропнат на врата и да ми влезат во секојдневниот живот.
Започнав без никакви консултации со доктор, ниту со направен тест за интолеранција, а со одлична крвна слика од претходните денови.

Трансформации
Првичната цел ми беше успеам да ја ставам бурмата на рака
Првично имав зацртано да намалам барем 20-тина килограми, да го облечам оделото од пред 10 години (од свадба) и да ја ставам бурмата на рака (што не ми успеваше веќе 6 – 7 години).
1-вата рестрикција намалив 9 килограми, 2-рата рестрикција 6 килограми и 3-тата рестрикција 5 килограми или за помалку од 3 месеци веќе ја постигнав делумно зацртаната цел, односно ослабнав вкупно 20 килограми, а бурмата веќе слободно ми “лизгаше” на прстот и повторно бев горд сопруг.
Морам да напоменам дека не водев сметка за голема разновидност во исхраната, односно појадокот секогаш ми се состоеше од проја со ајвар и сланина или лебче со јајца, ајвар и сувомеснатно, а за викенд просо со пржена сланина или кобасици и кисело млеко; ручекот најчесто свинско месо со салата и за вечера пилешко, белки или печурки со салата и најчесто ми се повторуваа оброците ден по ден, но сепак резултати имаше. Тука како најголем проблем ќе го наведам тоа што голем дел од зеленчуците не ги јадам, па се вртев во круг (краставица, домати, зелка, марула и морков).
Продолжив без намалување на енергијата која што ја вложив и без проблем им оддолевав на сите искушенија – нови години, слави, празници, свадби, родендени и слично, при што морам да потенцирам дека ја имав и неопходната помош и поддршка од најблиските, без која што сигурно ќе ми беше потешко.
-
-
Намален конфекциски број 44/33
Секој месец започнав да купувам облека за 1 конфекциски број помал од претходниот, па успеав да намалам 5 броја, односно панталоните од 44 ги намалив на 34, кошулите и блузите од 4 ХЛ на Л и слично.
За време на летниот одмор увидов дека резултатот кој што го имам постигнато на моето тело е одличен и мислев дека нема потреба од продолжување со рестрикција (која што морам да признаам дека ја почитував најмалку во 95% од прописите и воопшто не правев никакви егзибиции), па преминав на вонрестрикција, во кој што период продолжив со “топење” на мастите, килограмите и обемот.
Делумна причина за поминување во вонрестрикција беше и тоа што после период од 7 до 8 месеци интензивна рестрикција, имав едно утро страшен пад на шеќерот и морав да побарам лекарска помош, по што од нивна страна ми беше сугерирано да почнам со делумно внесување на шеќери и скроб, што иако не ми беше во план, сепак почнав да го применувам.
Како резултат на тоа и на малото опуштање во вонрестрикција, за жал последниве 4 месеци скршав од патот и се обидувам да се најдам помеѓу она што го практикував 9 месеци и желбата да не се вратам во минатото, па балансирам со 5 кгр. повеќе и желбата за благо (другата храна не ми претставува некој проблем и во принцин не конзумирам нешто што не би требало според ХИ).
Го решив мојот најголем порок, 400 дена се немам напиено Coca-Cola
Продолжувам со борбата и најголема придобивка од сето ова е што се чувствувам поенергично, посамоуверено, похрабро, знам дека можам да се контролирам и нормално што скоро 400 дена се немам напиено кока – кола, која што беше мојот најголем порок, без кој што не поминуваше ниту еден мој оброк или поточно речено ниту еден час од денот!!!
Порака за сите што не сте се одлучиле: почнете уште утре сабајле, пробајте – не е воопшто тешко, резултатите се одлични и брзи и што е најважно – за здравјето се работи. Јас, иако немав посериозни здравствени проблеми, решив да се посветам на новиот начин на исхрана и да не им дозволам на лошите навики да ми го диктираат животот.
И за крај – кај мене Хроното не беше љубов (како што многу наведуваат), но сепак научив како правилно да се хранам и мислам дека во иднина ќе продолжам да ги практикувам основните принципи и тоа да имам 3 оброка на ден, доручекот да ми биде обилен и најдоцна до 9 часот, вечерата не подоцна од 22 часот и помеѓу оброците да не конзумирам ништо друго и да пијам само вода (чај, лимонада).
Иако можеби звучи нереално, но сега конечно се радувам кога ќе дојде време за јадење – посебно за доручек (бидејќи претходно јадев 24/7), односно сега јадам за да живеам, а не живеам за да јадам.
Хронерски поздрав,
Други корисни линкови: