Можеби интегралните брашна не дозволуваат многу креативност во месењето, а и отсуството на квасец некогаш отежнува ама затоа постојат барем приближни облици на посакуваното. 🙂
Замислата ми беше како класична сончоглед погача, која со бело брашно изгледа баш како сончоглед. Но, изгледот е второстепен, првенствено е што е многу вкусна. Дури и ако одлучите да не ставате кари, нема да изгуби на вкус.
Единствената маана е што во рестрикција не е паметно да ја комбинирате со млечно, во траен режим можете со сите комбинации.
Рецепт
- 3 чаши Спелтино брашно
- 1.5 чаша Ржано брашно
- 1/2 чаша Јачменово брашно
- 400 мл Вода
- 50 мл Маслиново масло
- 2 Јајца
- 2 Белки
- 1 Прашок за пециво
- 1/2 лажичка Сода бикарбона
- 3 лажици Сок од лимон
ЗА ПРЕМАЧКУВАЊЕ
- 2 Жолчки
- 1 лажичка Семе од чија
- По желба Кари
- 2 лажици Маслиново масло
Инструкции за готвење
1 | Подготовка
Напомена: Чашата е од 200 мл.
Се ставаат сите суви состојки и се меша убаво. Потоа се додава сокот од лимон, маслото и постепено се става топла вода.
Тестото се меси онолку колку што ќе успеете. Меко е и лепливо ама оставете да одмори на собна температура половина час и ќе биде многу компактно.
2 | Подготовка на погачата
Кога ќе одмори тестото, со убаво намастени раце се префла на работа маса и убаво се меси.
Се дели на три дела, од кои едниот најмал за во средината. На хартија за печење се става измесениот дел за во средината и со влажни раце убаво се обликува.
Од другите два дела се месат долгнавести форми кои ќе се вклопат еден позади друг.
Со ножици во агол од 45 степени го засекувате помалиот дел (во прилог слики) и колку дозволува тестото, засечените парчиња се вртат во обратна насока.
3 | Печење
Цела погача ја премачкуваме со жолчки, маслиново и кари зачин. На средиот дел посипуваме семе од чија.
Погачата треба да одмори барем 30 минути, идеално 45 минути пред печење.
Се пече 50 минути на 200°C.
Доколку ви е јака фурната, половина час на 180°C.
На здравје!