Веднаш да напоменам, заедничко со раванијата е само начинот на сечење. 🙂
Рецептот ми е скоро една година, во момент на голема криза за раванија. Ниту тогаш не се намали желбата, но барем излезе преубав рецепт за кој ми е криво што толку долго го немав пак направено.
Првиот пат ја правев со спанаќ и младо сирење и морам да признаам дека со праз и урда ми е многу по вкусна. Филот можете по своја желба да го менувате.
Рецепт
- 400 гр ‘Ржано брашно
- 250 мл Топла вода
- 6 лажици Маслиново масло
- 1 лажичка Сол
ЗА ФИЛ
- 3 стракови Праз
- 300 гр Урда
Инструкции за готвење
1 | Подготовка на тестото
Се меша брашното со солта. Постепено се додава топлата вода со маслото и се меси меко тесто. Кога ќе одмори тестото околу половина час, се премесува пак и тогаш е полесно за работа.
Додека стои тестото, може да го припремате филот. Доколку го правите со праз, го пржите на тивок оган и кога ќе биде готов, се додава урдата и заедно се мешаат.
2 | Подготовка на погачата и печење
Тестото се дели на два дела и се сукаат две кори кои треба да се големи колку тавата во која ќе се пече. Кај мене е број 28.
Се става едната кора, па се нанесува целиот фил, и се става и втората кора.
Исечете ја питата пред печење и наросете со сусам. Доколку сакате да има многу сусам, со мокри раце притиснете го за да се зелепи. Дури и да го оставите да падне измеѓу засечените парчиња, е исто вкусна.
Се пече веднаш околу 40-50 минути на 200 степени.
На здравје!