Хроно дневник
на хронерот: Марија Атанасова (личен facebook профил)
изгубени килограми: –26 кг.
во период: 16 месеци од кои 5 во рестрикција, 7.5 во траен режим и 3.5 месеци придржувајќи се на веганското/посно мени
Јас сум Марија. Имам 42 години и сум среќна.
Отсекогаш бев задоволна кога ќе се погледнев во огледало, сè до 2012 година кога полека почна да ме фаќа и мене тоа чудно слепило кое живее во секој од нас, кога гледаме сè, освен самите себеси.
Прекумерната тежина си го направи своето, морав да променам нешто
Сè сe случи толку брзо, што не бев ни свесна како дојдов до тој степен на еден многу лош одраз во истото огледало во кое секогаш се огледував и се сакав таква каква што сум. Неколку „добри“ стресови, „немање време“ за себе, занемарување на сопствените потреби… ме доведоа во ситуација да живеам со подочници, со отоци на зглобовите на рацете и нозете, без врат, со полузатворени очи, со чести такихардии, со ненормални главоболки, со гушење, без никаква контрола кога и што јадам и пијам, кога легнувам и кога станувам…
И сè така до мај 2016, кога сосема случајно од кафе – муабет со една пријателка дојдовме до неврзан разговор за хроно исхрана. Тогаш сè уште не знаев за македонската група на ФБ, прво влегов во српската. Само читав, гледав полни чинии и се чудев кога ќе имаше понекоја слика пред и потоа.

Мојот хроно дневник – Трансофрмации
Не верував дека овој начин на исхрана ќе смени нешто. Си викав: „јас вака се хранев и до сега, чварки, сланина, јајца, месоо, мооогу месооо“. Сакајќи да се информирам повеќе, ја најдов и македонската група за хроно исхрана, побарав да се придружам. Будно следев и читав сè до 23 јуни кога решив конечно да почнам со мојата Хроно авантура. Ни на крај памет не ми беше дека почнувајќи од тука мојот живот ќе се промени, дека ќе наидам на толку искрена љубов, топлина, на толку разбирање, помош, несебична поддршка, бодрење, подавање рака кога ќе паднев…А не познавав никого.
Бевме малку членови, не се сеќавам колку точно, но постојано ги следев Виолета ❤ и Магдалена ❤. Го објавував секој оброк од страв да не згрешам, прашував и здодевав секој миг. Помина една недела. Се измерив – 3 кг. Потскокнував од радост, си ги гледав зглобовите на нозете и на рацете, очите ми се отворија, полека почна да се враќа самодовербата. Го објавив првиот резултат и се радував на секое допаѓање и секој коментар како мало дете. Ги засакав овие луѓе, ми значеа нивните мислења. Не бев свесна дека си најдов втор дом.
По Виолета и Магдалена, следеа Валерија ❤, Соња ❤ , Сања ❤, Ирена ❤, Зорица ❤, морам да ги споменам и тука јавно да им се заблагодарам за секој совет и поддршка.
„Ништо не може да ја замени упорноста. Ниту талентот, ниту генијалноста, ниту образованието. Упорноста и одлучноста се моќ“.
Помина првата рестрикција со -5.5 кг, втората, па третата, четвртата, петтата и… -19 кг. Веќе се подготвував за вонрестрикција во која бев 3.5 месеци, почнав со веге за Велигденскиот пост (1.5 месец), продолжив со вонрестрикција 2 месеци, пак 1 месец веге, 1 вонрестрикција, 1 веге, 1 вонрестрикција, изгубени 26 кг. Постот ми беше предизвик, сакав да пробам, пробав и успевав секој нареден пат.
Во меѓувреме, додека мастите се топеа и обемот се намалуваше, мојата среќа растеше, задоволството и самодовербата се зголемуваа. Гледав поинаку, дишев поинаку, повторно сакав да се гледам во огледало, и да се сликам цела, не до пола.
Не одам никаде, останувам тука, со Вас.
Други корисни линкови: